Не треба да земаме подвизи кои се над нашата мерка, туку да се грижиме нашето тело, нашиот пријател, да биде верно и способно за извршување на доблестите.
Треба да се оди по средниот пат, не скршнувајќи ни десно, ни лево (Изрек. 4,27). На духот треба да му се дава духовно, а на телото Тз телесно, што е потребно за одржување на привремениот живот. Исто така, не треба да се одбива што заедничкиот живот според законот го бара од нас, согласно зборовите на Писмото: "Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога" (Мат. 22,21).
Потребно е да се снисходува и на својата душа и на нејзините немоќи и несовршенства, трпејќи ги нејзините недостатоци како што ги трпиме недостатоците на ближните. Меѓутоа, човекот не треба ниту да биде мрзлив, туку постојано да се поттикнува на подобро.
Ако си изел многу храна, или си направил нешто друго што и доликува на човечката слабост, немој да се вознемируваш, додавајќи штета на штета, туку храбро поттикни се на исправување, грижејќи се да го зачуваш душевниот мир, според зборовите на апостолот: "Блазе на оној, кој не се осудува себеси за она што нашол дека е добро" (Рим. 14,22).
Телото исцрпено од подвизи или од болести, треба да се поткрепи со умерен сон, со храна и со пиење без да се гледа на времето. Исус Христос по воскреснувањето на Јаировата ќерка, наредил веднаш да и дадат да јаде (Лука 8, 55).
Ке биде неразумно ако самоволно го истоштиме телото до таа мерка, и духот да ослаби. Тоа е неразумно, макар да се прави и заради стекнување на доблести.
До триесет и пет години, т.е. до половината од земниот живот, човекот има голем подвиг да се зачува. Многумина до тие години не издржале во доблестите, туку свртеле од вистинскиот пат поради своите желби, како што за тоа сведочи свети Василие Велики (во беседата на почетокот на Расказите). Многумина собрале многу во младоста, но на средината од животот, поради искушенија од лукавите духови, не ја издржале бурата, лишувајќи се од се.
За да не се доживее таков пресврт, потребно е да се испитуваме себеси како на вага и внимателно да се следиме, според учењето на свети Исаак Сирин: "Секој својот живот треба да го измери на вага" (Сл. 40).
Секој успех во било што треба да Му го припишуваме на Господа и со пророкот да говориме: Не нам, Господи, не нам, туку на Своето име дај му слава" (Псалм. 113, 9).
Оди со мир и благослов....... |